Меѓународната вежба ИПА Кампекс 2015 се одржа во периодот 15 до 19 јуни – 2015 година во Визбегово – Скопје. Вежбата беше во организација на Дирекција за заштита и спасување на Р. Македонија, во соработка со ЕУ – Генералниот директорат за хуманитарна помош и цивилна заштита и конзорциумот формиран за оваа намена составен од службите за заштита и спасување на Словенија, Хрватска, Германија, Италија, Шведска и приватната фирма „Синерџис“ од Австрија.
Противпожарниот Сојуз на Македонија беше дел од организацијата на оваа вежба и учествуваше со 50 свои активисти, од ОППС-и од ППС на град Скопје.
Основното сценарио на вежбата беше катастрофален земјотрес во Република Македонија и подигање на камп (шаторска населба) за настраданото население. Вежбата започна на 15 јуни со симулациска командно-штабна вежба на која беше прифатена помош од земјите во регионот. На 16 јуни пристигнаа тимовите од Македонија – Црвен крст на РМ, Германија, Италија, Турција, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, а на 17-ти беше поставен и кампот за привремено раселени лица во кој беа прифатени околу 250 лица. На 18-ти се одвиваше главниот дел од вежбата во која ПСМ, односно учесниците во вежбата, симулираа повредени лица, а дел помагаа во одржувањето на безбедноста во кампот.